Пчеларникот во месец МАРТ

Пчеларникот во месец МАРТ

Пчеларникот во месец МАРТ

Во март пролета е на прагот. Времето е потопло и постабилно, а леската и дренот   се првите растенија кои обилно цутат, нудејки големи  количини полен. Пчелината заедница веќе  од поодамна е во активна фаза трошејки се повеќе мед и полен кој веќе го има во природата.

Март е вториот месец од периодот на развој на пчелината заедница и во него пчеларот треба да изврши низа значајни интервенции и активности на пчеларникот. За овој месец важи констатацијата дека пропуштеното неможе да се  надокнади. До толку повеќе што е познат фактот дека полна кошница со легло во фтората половина на март дава  полни медишта  во екот на главната паша. Тоа е затоа што оптимален рок на создавање пчели излетнички е шест недели (21 ден додека се изведе пчелата и 18 дена како куќна пчела помошничка.) Тоа значи дека во март треба интензивно да се стимулира зголемувањето на леглото и развојот на пчелината заедница. Но најпрвин треба да го направиме првиот пролетен преглед на пчелините заедници.

Првиот пролетен преглед на пчелината заедница најчесто подразбира летимичен брз преглед со кој треба да се утврди:

-дали пчелината заедница има матица;

-дали има храна (мед и полен);

-каква е  состојба во заедницата.

Овој краток првичен преглед по потреба може да се направи и во втората половина на февруари, но сепак не се препорачува отворање на сандаците на температури пониски од 18 С о.Прибележувањето на податоците од летимичниот преглед ќе ни послужат при спроведувањето на Деталниот преглед на пчелините заедница.

Деталниот преглед  има за задача да ги докомплетира податоците утврдени со летимичниот преглед и тоа:

-Да ја утврди состојбата на матицата и леглото. Како се движи и дали брзо и силно или полека и изнемоштено, дали залежува концентрични кругови и интензивно или пак леглото е шарено и распрскано.

-Каква е состојбата на резервната храна дали медот е квалитетен не кристализиран или скиснат, колку килограми мед има во кошницата, колку има полен и каков е квалитетот, дали е мувлосан или не, дали храната е достапна на пчелите итн.;

-Јачината на пчелината заедница, бројот на запоседнати улици (рамови);

-Вредноста на саќето какво е саќето (правилност на градба, кое саќе да се замени и колку сатни основи ќе треба да се додадат во кошницата;

-Здравствената состојба на пчелите и леглото ,болести на пчелите ,ноземоза вароза ; болести на леглото куга кречно легло  итн.

Податоците од овој детален преглед се драгоцени за понатамошното делување на пчеларот. Најпрвин се расчистуваат кошниците во кои пчелините заедници се угинати. Се утврдува причината поради која пчелината заедница не презимила. Доколку се најдени празни рамки во кои пчелите се угината во празните келии а мед вопшто нема тогаш е јасно дека пчелината заедница е угината поради немање храна. Но доколку на  рамките  има  измет од пчелите, а мед во кошницата има тогаш заедницата угинала од ноземоза пчелите треба да се спалат а кошниците дезинфецират со лет лапа или оцетна киселина(ексенција).

                Причина може да бидат и други болести како што е кугата- кречното легли и др. Палењето на заразниот материјал дезинфекцијата на сандуците, рамките претопување на саќето сето тоа треба да биде под контрола.

Потоа се преминува на заедниците кои немаат матица кон кои се спојуваат нуклеусите кои ги чуваат матиците.Тоа се прави со спојување на мрежа. Над заедницата која нема матица се става мрежа, а над неа нуклеусот со младата матица. После 24 часа се отстранува мрежата и никлеусот се спојува. По два три дена се спојуват и рамките сведувајки ја заедницата на едно тело. Постапката е иста и кај заедниците кои имаат лоши матици. Заедниците пак кои немаат доволно храна треба да бидат помогнати со рамки квалитетен мед од резервата или интензивно да се прихранат.

Многу практичари не препорачуваат погачи со големо присуство на беланчевини и други додатоци. Најчесто со шекерно медни погачи, но во потоплите периоди кога ноќните температури се над 10 С0 може да се користи и сируп. Сирупот во однос 2:1 може да се полие во празните рамки а пчелите многу полесно ќе го искористат.

                И покрај тоа не треба лесно да се прави замена на природниот мед со погачи или сируп. Да се потсетиме на поговорката “медот на мед раѓа”. Без природен мед во доволни количини и свеж полен. нема нормален и интензивен развој и здрави пчелини заедници.
Заедниците кои имаат помалку од 3 рамки треба да се спојат, а останатаите да се стеснат на онолку рамки колку покриваат пчелите. Ваквото стеснување на пчелиното гнездо е од огромно значење, бидејки ја задржува топлината на пчелината заедница ја намалува потрошувачката на мед, го зголемува леглото и т.н.

Вредноста на саќето е битен фактор за развојот на пчелината заедница. а Март е месец во кој треба да се направи селекција на саќето оставајки во сандукот само исправно чисто и добро изградено саќе, секоогаш имајки го во предвид сознанието дека матицата сеуште бара саќе во кое се излежани најмалку две генерации пчели, а тоа е светло кафеаво саќе. Во март не се препорачува ставање на сатни основи ни од било која причина.
Здравствената состојба на пчелите и леглото е пресудна. Поточно многу е важно диагностицирањето на болестите и познавањето на постапките за отстранување на причините за појавата на болестите. Не случајно се вели “превентивата е вистинскиот лек за секоја болест”  и тука треба да ги бараме решенијата за одгледување здрави пчелини заеници.
Ноземозата е пролетна болест на возрасните пчели, а предизвикувач е праживотинчето носема апис  кое има облик на спора, долга околу 6 микрона и која влегува во телото на пчелата преку храната. Во средното црево спората пука, а клицата влегува во цревната келија каде понатаму се размножува. Кога целата клетка се исполни со предизвикувачот на болеста, таа повторно се претвара во спора и тој циклус трае 2-3 дена. Нападнатите клетки пропагаат, а спората влегува во друга клетка. За десет дена скоро сите келии на средното црево се нападнати а во неговата шуплина можат да се соберат повеќе од 100 милиони спори кои се исфрлаат заедно со изметот. Бидејки средното црево е заболено неможе да го преработи цветниот прашок, а исфрелниот измет е благ другите пчели го внесуваат во својот организам и заразата брзо се шири. Треба да се знае дека спорите од ноземата се доста отпорни и суви, а умираат на 0С0 за 120 денови. На температура од 18-20Со за 200 денови, на 30Со за 60 денови, на 37Со за 20денови, а на 65С0 за само една минута. Ова е важно посебно при дезинфекција на кошниците и приборот. Треба да бидат изложени на температури поголеми од 80 Со.

Причини од кои зависи дали пчелините семејства ќе заболат од оваа опасна заразна болест:

-од квалитетот на медот, поленот или шекерниот сируп;

-од бројната старост на пчелите во есен;

-од сместувањето и квалитетот на кошницата;

-начинот на зазимувањето;

-стресови и вознемирување на пчелите во зима;

-влага во кошницата;

-ниските температури;

-должината на периодот- без можност пчелите да се прочистат.

Најголем број од наведените причини се под контрола на пчеларот, а доколку тие се отстранат до болеста може да дојде, но без големи последици за пчелиното семејство.
Но доколку превентивата не сме ја спровеле и пчелината заедница е оболена тогаш во пролетната шекерно медна погача треба да се додаде   нозецид, погача која е доволна за едно семејство.

Кречното легло е исто така опасна болест која доколку се дијагностицира треба да се лечи без одлагање. Тоа е предизвикано од плесен (асцоспхеро апис). Најповеќе го напага трутовското, но и работничкото легло. Сите стари рамки треба да се отстранат, а семејството да се третира со Ц витамин во  сируп или погача.

Вентилацијата и затоплувањето е актуелно и во овој месец. Посебно внимание треба да се посвети на затоплувањето кое треба да оневозможи големо губење на топлината од кошницата. Материјалот за затоплување треба да биде сув и доволно топол за да ја одржува  температурата. Кошниците треба да бидат во завет и свртени со летата кон југ, а можат да се обвијат со стиропор или некои други мареијали за затоплување.
Потребата за вода кај пчелината заедница расте со зголемување на леглото, но и со додавање на погачите за прихрана. Пчелите оваа потреба мораат да ја задоволат без оглед дали е топло или   студено, па доколку одат на далечни поила тие масовно се оладуваат и угинуваат.

Имајки го ова во предвид на пчеларникот благовремено треба да се постави поило. Пожелно е кантите или бурињата да се со темна боја како водата во нив во сончевите денови би се загревала бидејки пчелите бараат млака вода во овој период. Не треба да се заборави дека поилото треба да биде во завет и на сончево место на самиот пчеларник.
Селењето на пчелите на рана развојна пролетна паша е препорачливо бидејки селењето на пчелините сандуци се полесни и најчесто имаат едно тело и затоа е многу едноставно.

Секако дека треба да се имаат во предвид сите важни услови кои треба да бидат исполнети при селењето а тоа се:

-да се селат само здрави пчелини заедници;

-тоа да биде на богата паша леска, дрен, врба;

-здравствената состојба на околните пчеларници;

-количествата врнежи на теренот каде се сели и т.н.

На крај треба да истакнеме дека Март е месец во кој многу треба да се работи на пчеларникот, а за исправка на грешките во овој  месец ќе биде потребно да ја чекате  идната пчеларска сезона.

Автор: Зоран Маринковиќ

Контакти

+389 70 211 220 | +389 43 225 333
ул. Вељко Влаховиќ бр. 1-3/12, 1430 Кавадарци, Македонија
info@zoralek.com

Следете не