Како да распознаете природен мед од фалсификат?

Како да распознаете природен мед од фалсификат?

Како да распознаете природен мед од фалсификат?

 

Природниот мед е извор на енергија, изобилува со хранливи материи, витамини и минерали и се користи за многу природни лекови потребни за здравјето на луѓето.

Медот го има во продавниците, големите супер маркети и на пазарите, но голема е дилемата дали таа тегла што ја купуваме е навистина полна со природен мед или станува збор за фалсификат?

Медот претставува 100% природен пчелин производ добиен со собирање на нектар од различни цветови или секрети од листови на дрвјата, на кого ништо не му е додадено или одземено. Денес, заради зголемената побарувачка на природен мед на пазарот, честа е појавата на фалсификуван мед. Под фалсификуван мед се подразбира мед произведен со интензивно хранење на пчелите со шеќерен, глукозен или скробен сируп, при што пчелите истиот го преработуваат во инвертен шеќер.

Фалсификување се врши и со разредување на природниот мед со додавање на различни додатоци или со негово индустриско производство од карамелизиран шеќер, лимонска киселина и арома.

Основните карактеристики кои ги поседува природниот мед можат да помогнат полесно да се разликува вештачкиот. Природниот мед има специфична арома, не се двои на слоеви, во себе содржи таканаречена природна нечистотија од полен, перга- ферментиран полен, микрочестички од восок и прополис. Она по што се разликува природниот од останатите вештачки видови на мед е и неговата фина текстура, тече во вид на тенок конец, има густа смеса, но се слева во тенок млаз. Природниот мед со текот на времето се кристализира, формирајќи голем број фини и ситни кристали.

Од другата страна е фабричкиот или неприродниот мед кој има кисел или нема никаков мирис, се дели на слоеви и во неговата структура нема никакви природни нечистотии. Овој неприроден мед може да се препознае и по структурата која е или нерамна или премногу фина за разлика од онаа на природниот, а има и течна конзистенција, односно веднаш капе и се шире по површината. Вештачкиот мед, што не е случај со оригиналниот, не кристализира или доколку го направи тоа се соединува во единечна кристална маса.

Со цел да се зголеми профитот, некои производители го разредуваат медот со шеќерен сируп или меласа. Во продолжение имате неколку практични примери преку кои може да се направи домашно испитување за да утврдите дали медот е природен или пак содржи некакви додатоци:

  • Ставете малку мед на хартиена салфета. Ако се направи влажна дамка околу медот и почне да се шири, тоа е знак дека медот е разреден.
  • Натопете парче бајат леб во мед. После 8-10 минути, доколку медот е природен, лебот треба да е сеуште во цврста конзистенција и не треба да омекне.
  • При матење на природен мед со една жолчка јајце, жолчката ќе изгледа како варена, односно како крем или пудинг.
  • Природниот мед после ставање во вода формира топка на дното, односно не се раствора веднаш, додека фалсификуваниот мед веднаш почнува да се раствора, што лесно се забележува при набљудување на допирната површина меѓу медот и водата уште при самото ставање на медот во водата.

Доколку често го користите медот, направете ги овие мали испитувања во Вашата „домашна лабораторија“ за да бидете сигурни дека Вие и Вашето семејство конзумирате природен и здрав мед.

Автор: Александар Маринковиќ

Контакти

+389 70 211 220 | +389 43 225 333
ул. Вељко Влаховиќ бр. 1-3/12, 1430 Кавадарци, Македонија
info@zoralek.com

Следете не